Интервју со професорот Слаѓан Станковиќ – Битрак
Слаѓан, познат како Битрак, професор по математика во најреномираната гимназија во Македонија – Математичко-информатичката гимназија (МИГ), е еден од најпочитуваните професори во својата област. Со својата посветеност, иновативен пристап и искрена љубов кон математиката, тој успева да ги инспирира и мотивира своите ученици. Неговиот стил на предавање е уникатен, отворен и со заемна почит, тој создава амбиент во кој учениците не само што ја разбираат математиката туку и ја засакуваат.
Слаѓан не е само професор, тој верува во моќта на образованието да ги трансформира младите умови. Неговите бесплатни онлајн подготовки за натпревари и матура, достапни преку неговиот YouTube канал, ги надминуваат границите на училницата, правејќи го достапен за сите ученици во земјата.
Во прилог следи интервјуто со професорот Битрак, во кое тој споделува детали за својата работа, предизвиците и визијата за иднината на образованието.
1. Што е посложено: да се објасни математичка функција или да се одговори на ученичко прашање „Зошто ова ми треба во животот?“
– Посложено е да се објасни некоја специјална математичка функција. Во математиката се изучуваат области кои можеби никогаш нема да ги користиш секојдневно, но токму во моментот кога ќе ти затребаат, тогаш ќе ја почувствуваш моќта на кралицата на науките – математиката. Тогаш само ќе си речеш: „Wow“.
2. Како успевате да ги мотивирате учениците да ја сакаат математиката и да ги разберат
функциите?
– Пристапувам кон учениците секогаш искрено, чесно и отворено. Се договараме заеднички како ќе ги реализираме темите и предвидената програма, ги разгледуваме критериумите за оценување на постигнатите резултати. Ако некој ученик не разбрал добро на часот, има можност да учи од моите предавања на YouTube каналот Bitrak1819, кои се достапни 24/7. На овој начин стекнуваме искрена доверба и меѓусебна почит.
3. Како се справувате со ученици кои имаат потешкотии да го разберат концептот на функции?
– Најпрвин ги охрабрувам дека, иако станува збор за математички предмет, сепак не е толку тешко и може да се научи со работа, трпение и време. Почнуваме од најлесното, го увежбуваме и постепено преминуваме на потешките проблеми. Во релаксирана атмосфера анализираме грешки и ги коригираме за учениците да се сконцентрираат и да постигнат правилни математички заклучоци.
МИГ.
4. Да можете да промените едно нешто во оваа гимназија, што би било тоа?
– Оплеменување на училниците со стаклена галерија од слики со математички формули и математичари, поставување на смарт табли во секоја училница и додавање растенија кои ќе произведуваат кислород. Би го сменил и лекцијашкиот концепт на предавањата кон проблемска настава и би ја прилагодил програмата за предметот „Функции и реални броеви“.
5. Минатата година имавте бесплатни онлајн подготовки за натпреварот по математика. Дали планирате тоа да го организирате и оваа година?
– Да, веќе 4-5 години организирам бесплатни подготовки за натпревари по математика и полагање на матура. Овие подготовки се корисни за сите ученици во земјата и ми носат чувство на општествена корисност.
6. Дали некогаш во вашето утринско кафе сте се фатиле себеси како „гледате“ график на функција?
– Хаха, да, не само на утринско кафе, туку и дома. Рабовите на предметите ги третирам како математички функции – моето лавабо, на пример, е елипса.
7. Колку сте задоволни со резултатите кои учениците во оваа гимназија ги постигнуваат на натпреварите?
– Навистина сум задоволен. Имаме по 2-3 државни математички прваци секоја година, а се надевам на уште поголем успех.
8. Дали постои некое правило за натпреварите кое би го смениле?
– Би го сменил начинот на оценување под шифра, за да се сведе на нула секоја можност за протекција или ургенции.
9. Дали имате одреден критериум или правило кое вие како професор го имате, а повеќето други професори не би се сложиле со тоа?
– Секогаш ги објавувам оценките јавно и транспарентно, иако на многу мои колеги не им се допаѓа ова. Моите ученици го ценат овој начин на чесно оценување.
Ова интервју ни покажа колку е важна искреноста, посветеноста и љубовта кон она што го работиш. Професорот Слаѓан зборува за тоа како математиката може да биде инспиративна, дури и кога на почетокот изгледа тешко. Со поддршка, трпение и посветеност, учениците не само што ја учат, туку и резултира со големи успеси на државните и меѓународните натпревари. Тој е пример за тоа како професор може да биде современ и ментор кој остава траен впечаток врз животите на своите ученици.
Автори: Ивана Иванова, Емили Андреевска и Ана Марија Трифуновска