Работи кои што го одбележаа првото полугодие во МИГ
Првото полугодие од оваа учебна година во Математичко Информатичката Гимназија (МИГ) можеби не беше исполнето со голем број настани, но неколку значајни моменти се издвојуваат. Овие настани оставија влијание и врз секојдневниот живот на учениците од МИГ.
На почетокот од учебната година го прославивме патрониот ден на нашето училиште. Беше организиран турнир во фудбал, во кој учествуваа ученици од сите генерации. Настанот поттикна чувство на другарство и спортски дух меѓу учесниците.
Друг значаен момент беше кулинарската работилница, каде што учениците подготвуваа и продаваа закуски како палачинки и пуканки. Оваа иницијатива имаше за цел да собере средства за училиштето, кои ќе бидат наменети за подобрување на училишните услови.
Исто така, беше организирано “Талент Шоу”, на кое учениците ги покажаа своите таленти надвор од математиката и информатиката. Ова беше прекрасна можност да се прослави креативноста и вештините на учениците.
Сепак, важно е да се напомене дека предизвиците во нашиот град влијаеја врз нормалното функционирање на образовниот процес во МИГ. Проблемите со јавниот превоз низ целиот град Скопје доведоа до доцнења, што го отежнуваше навременото пристигнување на учениците на училиште и на часовите. Ова го наруши дневниот ритам и се одрази на редовноста во текот на полугодието.
Нашата гимназија се залага и за уметничкиот и духовниот развој на учениците. Примери за тоа се посетата на градската библиотека “Браќа Миладиновци” и посетата на театарска претстава во “Театар Комедија”.
Да не го заборавиме и неверојатниот момент кога нашиот ученик од трета година Дамјан Давков ја освои главната награда на најголемиот натпревар по математика за средношколци во Македонија – UltiMATH, на кој учествуваа над 2500 ученици. Покрај неговиот огромен успех, неколкумина од нашата гимназија исто така се пласираа во најдобрите десет.
На крајот, и покрај предизвиците, овие настани беа најзабележителните моменти од првото полугодие во МИГ, кои ја одразуваат живоста и издржливоста на нашата училишна заедница.
Автор: Стефан Крстевски и Марика Георгиевска