За што и како младите ја користат вештачката интелигенција
Секој тинејџер денеска се справува со разни проблеми во секојдневниот живот. Овие проблеми некогаш ни земаа, од неколку часа до ден за да се решат. Требаше да бараме по разни книги и страници на интернет за решението и секогаш имаше шанси да не го најдеме, но тоа е нешто од минатото, бидејќи денеска постои едно неверојатно нешто наречено вештачка интелигенција. Вештачката интелегенција (ВИ) е многу користена алатка во модерното општество и секако е особено популарна меѓу помладите генерации. Под ВИ мислиме на интелигентен систем кој е способен, до одредена граница, да ја реплицира човековата интелигенција. Постојат „четботови“ кои работат на ВИ преку кои можеш во неколку секунди за премногу проблеми да добиеш решение. Може да ти го објасни решението подетално, да ти даде различни примери како оној што си го барал и уште многу други неверојатни работи.
Најголемиот дел од младите, секојдневно наоѓаат најразни употреби за ВИ, меѓу кои најчеста е употребата за помош при справување со секојдневните училишни задачи, така што честопати кога нешто не ни е јасно од домашната или од лекцијата што ни била предадена на училиште, се консултираме со ChatGPT и слични „четботови“ кои користат ВИ за да ни помогнат да ни се разјасни нејаснотиите.
Иако многу ученици ја користат ВИ како помагало таа често станува целосна замена на ученикот, пишувајќи задачите наместо него, со што целосно згаснува креативноста на ученикот, а тој не ги добива придобивките од домашните задачи – учењето, а во стресните периоди на школувањето, како на пример крај на тримесечијата често знаеме да дојдеме до период кога навистина немаме време се да научиме. Многу се тешат со де фактот дека една ниска оценка не е ништо лошо, а други често знаат да ја користат како асистентка за време на тестот, без да знаат другите, особено не професорот .
Доста за нечесните работи, ајде да зборуваме за каде несвесно ја употребуваме ВИ. Најчесто употребуван пример кај младите се социјалните мрежи, каде постојат многу алгоритми кои овозможуваат да се прилагоди искуството на социјалната мрежа кондопаѓањата на корисникот, како на пр. социјалната мрежа TikTok користи ВИ за генерирање на For You страницата каде секое видео поминува низ алгоритам кое соодветно го распоредува видеоото до страницата на корсиникот кому најмногу би му прилегала. Од друга страна, ја имаме и употребата во видео игрите каде NPC (Non-playable Characters) се целосно контролирани од систем базиран на ВИ. Дополнително, многу апликации како Duolingo, која е една од најпознатите мобилни апликации за учење странски јазици, употребуваат соодветни интелигентни системи за да го подобрат процесот на учење кај корисниците.
ВИ може да се користи и за забава, понекогаш ја употребуваме за да побараме интересни филмови за гледање, за да го најдеме името на некоја песна што сме ја слушнале во кафуле и ни се допаднала. Дополнително, постојат голем број апликации кои користат ВИ за креирање мултимедијални содржини, често употребувани од младите.
Јасно е дека ВИ е многу корисна алатка за младите, но во рацете на погрешните луѓе таа може да се користи за нечесни и невкусни работи.
Автор: Никола Бојчев, Анастасија Пецевска, Марко Гаврилоски